Министерството за транспорт и врски в понеделник ќе објави оглас за распределување на 129 социјални станови, од кои 78 во Битола и 51 социјален стан во Берово.

Социјалните станови се наменети за решавање на станбеното прашање на лица кои спаѓаат во една од социјалните категории: деца без родители или родителска грижа кои имаат над 18 години, корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од елементарни природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни живеалишта, инвалидни лица или лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице, самохрани родители со малолетни деца, припадници на Ромската заедница социјално загрозени...

- Овие станови Министерството ги распределува јавно по електронски пат, а подносителот на барањето за добивање социјален стан под закуп може да поднесе документација и да аплицира само за една од седумте категории корисници на социјални станови, нагласи Јанакиески. Тој укажа оти доколку лицето или некој од членовите  на неговото заедничко домаќинство аплицира повеќе од една од категориите на корисници, сите поднесени обрасци ќе бидат отфрлени.

- Владата континуирано го реализира проектот за домување на социјално ранливите групи во рамки на кој е предвидена изградба на 35 објекти во 26 града на територијата на Република Македонија. Во периодот од 2007 до 2011 година  изградени се 9 објекти со 430 станови и тоа 29 во Македонска Каменица, 102 во два објекти во Скопје, 71 во Охрид, 32 во Кичево, 29 во Кочани, 30 во Кавадарци и 46 во Крива Паланка, потсети министерот Јанакиески, додавајќи оти само во 2012 и 2011 година се склучени договори за закуп и вселени се 293 станови наменети за социјално ранливи групи.

Image and video hosting by TinyPic