Цигарите од утре поскапуваат како резултат на зголемувањето на акцизата. Додека дел од производителите не ги откриваат деталите, државниот тутунски комбинат од Прилеп веќе ги утврди новите цени. Сите брендови на компанијата поскапуваат за пет денари, освен Рондо кој поскапува за три.

Тоа значи дека Бренд отсега наместо за 50 ќе се продава за 55 денари, а за исто толку ќе поскапат и Сан Слимс, Еуропа, 19, Филтер Ориентал и Та2. За 5 денари поскапува и Марлборо, јавуваЕкономски.

Од менаџментот на ТК Прилеп велат дека со зголемувањето на акцизата од 0,15% по цигара невозможно е да апсорбираат трошоците кои заедно со останатите давачки се зголемуваат за околу 50%.

Останатите компании денес не откриваат дали и за колку ќе ги поскапaт цигарите, но неофицијално велат дека обично се следи ценовната политика на лидерот на пазарот.

Од Империал Тобако која го има најпродаваниот бренд цигари во Македонија, Родео, до овој момент не добивме повратен одговор на прашањето за цените пратено по мејл.

Акцизата ќе расте секоја година во следните десет години

Ова е прво зголемување од утврдениот акцизен календар според кој акцизата на цигарите во Македонија етапно ќе се зголемува до 2023-та година.
Тутунски компании велат дека календарот е добар потег затоа што ќе обезбеди предвидливост потребна за бизнисот и цените.

И покрај десетгодишното покачување таа ќе остане значително пониска од акцизата во Европската Унија.

Секоја компанија засебно ќе одлучува дали следствено на тоа ќе ги поскапува цигарите.

- Данокот и акцизата со 75 проценти учествуваат во структурата на малопродажната цена на цигарите и затоа може да се очекува да се зголемат цените на цигарите. Сепак, акцизите не се единствен фактор во формирањето на цените. Голема улога има и конкуренцијата која е силна на македонскиот тутунски пазар, изјави минатата недела Мато Задро, претседател на УО на ТДР.

Од први јули ќе почне постапката на зголемување на акцизата за цигари за 0,15 односно 0,20 денари годишно до 2023 година. Проценките велат дека цигарите што се продават по 50 денари, за десет години би требало да чинат 90 денари.

Според производителите, во Македонија шверцот со цигари е исклучително мал и само 2% од пазарот додека во земјите од соседството тој просечно зафаќа 20%.