Дерби пресметката од 7. коло во Првата македонска футсал лига меѓу екипите на КМФ Велес и Шкупи синоќа во спортската сала „Гемиџии“ во Велес не го дочека својот крај.

Натпреварот беше прекинат во 33. минута при резултат 3-2 за домаќините откако навивач на Шкупи влезе на терен и физички го нападна играчот на Велес, Димче Андов.

Судиите и делегатот без размислување го прекинаа дуелот, инцидентот е пријавен и во МВР на РМ, како и до надлежните во Фудбалската федерација на Македонија. Сосема јасно е дека дуелот на крајот ќе биде регистриран со службен резултат од 5-0 за КМФ Велес, а гостите ќе бидат предадени и на Дисциплинската комисија при ФФМ.

До моментот на прекинот, Дарко Ранготов беше стрелец на два гола за Велес, а Мартин Тодоровски постигна еден, додека за гостите двата гола ги постигна Ведат Арслан.